Енергетска конференција - “Иднината на енергетиката – каде Македонија и ЕУ се среќаваат„
Конференцијата која се одржа на 29 септември во ЕУ Инфо центарот беше последниот настан организиран во рамките на ЕУ финансираниот проект СЕЕ СЕП (Одржлива енергетска политика на Југоисточна Европа) во Македонија. Аналитика, заедно со партнерите Еко-свест и Фронт 21/42, ги презентираа наодите од две студии кои произлегуваат од Нискојаглеродниот енергетски калкулатор за Југоисточна Европа за 2050 година кој го објавивме во 2015 година.
- ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА: Патот кон ЕУ или патот кон никаде? Енергетски план за 2050 година: водич за иднината;
- ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА: Патот кон ЕУ или патот кон никаде? Енергетски план за 2050 година: техничка анализа.
По оваа презентација следуваа презентации и говори на теми поврзани со енергетската иднина на Македонија и ЕУ, и тоа на г-дин Александар Дуковски – Директор на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, г-дин Александар Дединец од Академијата на науките и уметностите и г-дин Димитар Малиновски од Делегацијата на ЕУ во Скопје кој всушност го отвори настанот, како и од г-а Невена Смилевска од Еко-свест која го презентираше иновативниот проект кој Еко-свест го носи во Македонија поточно Скопје и Тетово, наречен City Tree, вертикална градина. Димитар Малиновски од ЕУ Делегацијата зборуваше за значењето на тоа да се следи патот на реформите на ЕУ со цел Македонија како и регионот да имаат чиста и одржлива енергетска иднина.
Директорот на Агенцијата за енергетика зборуваше за како стојат работите од страната на институциите, со тоа што заклучокот е дека нагласок треба да се стави на имплементација на мерките за енергетска ефикасност бидејќи една единица заштедена енергија е единица енергија која не мора да ја произведеме и дека иако е добра регионалната соработка треба да инвестираме и да го градиме енергетскиот сектор онака како што е најдобро за Македонија.
Александар Дединец од МАНУ имаше презентација насловена “Развојот на енергетскиот систем на Македонија до 2035 година„ во која ги презентираше различните сценарија за македонскиот енергетски сектор до 2035 година на кои што они работат.
На крајот имаше плодна дебата за добрите и лошите страни на инвестициите во гас наспроти ОИЕ, бидејќи гасификацијата е повторно топ тема во Македонија. Исто така беше потенцирано дека е потребна диферзификација на енергетските ресурси во Македонија. Генералниот заклучок од настанот беше дека мораме што побрзо да почнеме да размислуваме за алтернативи на лигнитот на кој што моментално се потпира Македонија.