Втора консултативна работилница за процесот на усогласување со Целите за одржлив развој
На 29.11.2016 година, во хотелот континентал се одржа Втората консултативна работилница за процесот на усогласување со Целите за одржлив развој. По одржувањето на првата консултативна работилница со претставниците на државните институции, овој настан се организира како втор чекор во усогласувањето на националните стратегии и политики со Целите за одржлив развој.
Овој процес е предводен од страна на Кабинетот на Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, во тесна соработка со Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации. Во моментов е завршната фаза на сѐопфатната анализа која треба да покаже каде е најголем јазот и каде е најпотребно усогласување со Целите за одржлив развој.
Работилницата има за цел да овозможи претставниците на граѓанското општество, академската заедница и приватниот сектор да поразговараат за првичните наоди и да се договорат околу приоритетите во справувањето со развојните предизвици во периодот до 2030 година.
Нашиот истражувачки и менаџмент координатор Соња Ристеска зема активно учество, и тоа на работилницата за Одржлива енергија и климатски промени што ги опфаќаше следниве Цели за одржлив развој:
ЦОР 7: Да се обезбеди пристап до прифатлива, сигурна, одржлива и напредна енергија за сите;
ЦОР 9: Изградба на отпорна инфраструктура, промовирање на инклузивна и одржлива индустријализацијата и поттикнување на иновации;
ЦОР 12: Да се обезбеди одржлива потрошувачка и производство;
ЦОР 13: Да се преземат итни мерки за борба против климатските промени и нивното влијание.
На оваа сесија успеавме и да го наметнеме прашањето за дефинирање на енергетската сиромаштија и тоа под Целта еден: ставање крај на сиромаштијата, како посебен вид на проблем кој бара итно решавање.