Средба со пратеници и презентација на студијата Мрежно мерење во Република Македонија, можности, перспективи, примери – како до почиста енергија
На 26.04.2017 во Скопје беше презентирана студијата Мрежно мерење во Република Македонија, можности, перспективи, примери – како до почиста енергија (изработена од Соња Ристеска, истражувачки и менаџмент координатор), пред пратенците од македонското Собрание, студија која што преку програмата на НДИ (http://www.analyticamk.org/mk/proekti/vo-tek/598-ndi-programa-za-zakonodavno-zastapuvanje-ovozmozhuvanje-na-fizicki-litsa-da-prodavaat-elektricna-energija-od-obnovlivi-izvori-zakon-za-energetika) се надеваме дека еден ден ќе прерасне во законско решение.
На средбата дојдоа пратеници од скоро сите политички партии во Македонија со што се покажува голем интерес за спроведувањето на мерки за зголемување на искористувањето на обновливи извори на енергија во Македонија.
Како позитивни страни при воведувањето на една ваква мерка можат да бидат:
Економските придобивки од мрежното мерење, всушност, ги надминуваат трошоците и не наметнуваат никакво позначајно зголемување на трошоците за несоларните клиенти. Далеку од мрежен трошок, мрежното мерење во повеќето случаи претставува мрежна корист за снабдувачите и за несоларните плаќачи на сметките. Дистрибуираните соларни системи можат да помогнат да се избегнат значителни инвестиции во инфраструктурата, да се намали притисокот врз државното производство на електрична енергија базирано на фосилни горива кога побарувачката е во пик и пониски цени.
Германската енергетска транзиција, пак, позната како „Energiewende“ се заснова на вклучување на граѓаните и локалните заедници во сопственичката структура на електраните кои работат на обновливи извори на енергија. Создавањето на децентрализирани енергетски системи во сопственост на локалните заедници, исто така, го поддржува развојот на локалната економија. Финансиските средства, кои порано се одлеваа од локалните заедници за да се покријат трошоците за енергија, сега се насочени во локалната економија, преку употребата на обновливите извори на енергија. Тоа овозможува создавање работни места и во системот за изградба и одржување, но исто така и кај дизајнот, технологијата на производство како и придружните активности за развој и користење на обновливите извори на енергија.
Големиот пад на цените на фотонапонските системи доведе до воведување на мрежното мерење и мрежната исплата како нови модели. Идејата на овие модели е да поттикне самостојно задоволување на енергетските потреби како независна претприемачка активност. Мрежното мерење и исплатата предвидени за самостојно снабдување имаат додадена предност со тоа што инвестициите во дистрибутивната мрежа се поисплатливи отколку кај системот со загарантирани цени.
Можност за формирање на енергетски задруги коишто би можеле да помогнат во развојот на мрежното мерење и со тоа би го олесниле користењето на ОИЕ во Македонија.
Зголемена свест за рационално искористување на електричната енергија.
Помала оптовареност на мрежата.
Друга можна предност на ваквиот систем е кога ќе се отвори пазaрот на електрична енергија и за домаќинствата, електрична енергија да му се дава на откупувачот, да се пребива на крај на година, колку потрошил од мрежата, колку своја, колку дал во системот, ако заштедил, таа заштеда да му се исплати по пазарна цена.