Презентација на Извештај за полициски интегритет во Македонија
На 13 декември 2016 год. Аналитика организираше настан за промоција на надоите од извештајот „Проценка на полицискиот интегритет во Македонија“ во Јавна соба, Скопје. Извештајот се однесува на одредени аспекти на полицискиот интегритет како што се надворешна контрола, внатрешна отчетност, управување со човечки ресурси, финансиски менаџмент и кривична одговорност.
Авторите на извештајот Магдалена Лембовска и Филип Стојковски ги презентираа наодите и препораките за политики пред присутните.
Презентацијата започна со прецизирање на главните предизвици при обезбедувањето на надворешна контрола на полицијата од страна на Собранието и Народниот правобранител. Врз основа на податоците за работата на Собранието и посебно на парламентарната Комисија за одбрана и безбедност, Магдалена Лембовска заклучи дека Собранието обезбедува само основен надзор и контрола на полицијата. Главниот фокус е на ревидирање на законодавството, додека постоечките надзорни механизми не се доволно искористени. Народниот правобранител, од друга страна, се соочува со опструкциии од страна на институциите при спроведување на своите надлежности и недостиг на соработка со Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство. Во однос на внатрешната контрола, забележани се позитивни случувања во смисла на структурни промени во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди. Сепак, бројот на одлуки во корист на граѓаните при случаи на употреба на сила е многу мал, што ја поткопува довербата во ова тело. Понатаму, г-а Лембовска дискутираше за улогата на судството, нагласувајќи ја важноста од итни реформи во оваа област, со оглед на тоа што истражувањето покажа дека судството е една од најслабите алки при градењето на полициски интегритет.
Понатаму, Филип Стојковски ги презентираше главните предизвици при управувањето со човечки ресурси и финансикото управување според она што беше идентификувано во анализата. По ова прашање, беше изјавено дека правната рамка за вработување е добро поставена и процесот генерално е транспарентен. Сепак, јавната перцепција е дека селекцијата на кандидатите при вработувањето во полицијата генерално се врши преку политички и лични контакти, што ја поткопува легитимноста на отворените повици. Некои сектори во МВР не се соодветно екипирани, што значи дека им недостига дополнителен персонал или вработени со одредени знаења и вештини. Дополнително, г-н Стојковски препорача поголема транспарентност при трошењето на средствата на МВР и подобрување н капацитетите за единицата за внатрешна ревизија со цел спроведување на соодветна финансиска контрола.
На настанот присуствуваа претставници на граѓански организации во Македонија, академската заедница, Собранието и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. После презентацијата, присутните расправаа за главните предизвици во работата на полицијата од нивна перспектива, како и можните модели за надворешна контрола со оглед на тоа дека тековната поставеност не ги дава посакуваните резултати.