Полициски интегритет преку деполитизација и професионализација на полицијата
Аналитика на 5-ти декември 2017 организираше тркалезна маса за полициски интегритет и ризиците од корупција во полицијата. Проектниот тим ги презентираше првичните наоди од овогодинешната проценка на полицискиот интегритет. Претставници на академската заедница и граѓански организации исто така придонесоа со свои презентации.
Магдалена Лембовска од Аналитика се фокусираше на ниската финансиска транспарентност на Министерството за внатрешни работи, што овозможува понатамошен ризик од корупција.
„Јавните набавки во Министерството за внатрешни работи се покажаа како посебно проблематични. Истовремено, капацитетите на внатрешната ревизија не се доволни за до овозможат соодветен надзор и контрола, како и да детектираат можни злоупотреби“, рече Лембовска.
Коавторот на овогодинешниот извештај и Продекан на Факултетот за безбедност, Доц. Д-р. Марјан Ѓуровски, обезбеди препораки за подобрување на организациската структура во однос на управувањето со човечките ресурси во полицијата.
„Во моментот има три различни организациски единици кои се однесуваат на управување со човечките ресурси во Министерството и ова само го комплицира целокупното функционирање на овој сегмент. Потребно е да се воспостави една интегрирана организациска структура со цел да се постигне поголема ефикасност и ефективност“, препорача Ѓуровски.
Уште двајца професори од Факултетот за безбедност учествуваа на панел дискусијата. Проф. Д-р. Трпе Стојановски зборуваше за надворешниот надзор над полицијата, додека Проф. Д-р. Цане Мојаноски ги презентираше наодите за перцепцијата за корупција и за полицијата кај граѓаните.
„Ние имаме внатрешна контрола во МВР, сепак, искуствата од минатото покажаа дека независноста на оваа организациска единица се става под знак прашалник. Затоа надворешниот надзор е многу важен, а тука спаѓа и надзорот и контролата од страна на Народниот Правобранител, јавното обвинителство, судовите и мислењето на јавноста за полицијата“, истакна професорот Стојановски.
Зборувајќи за ставовите и перцепциите на граѓаните, проф. д-р. Мојаноски расправаше за нивото на доверба во македонската полиција, кое се покажа дека е пониско од европскиот просек.
Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје ја презентираше генералната слика за ризиците од корипција со посебен фокус на корупцијата во полицијата. Попрецизно, г-н Поповиќ зборуваше за важноста од воведувањето на тест за интегритет и мапирање на ризици од корупција во рамките на полицијата.
„Македонската полиција во неколку наврати покажа дека е подложна на корупција. Од најголема важност е да се креира проценка на ризикот од корупција во полицијата и план за управување со ризици“ препорача Поповиќ.
На настанот присуствуваа претставници на граѓански организации, академската заедница и државни институции како што се Собранието и Министерството за внатрешни работи. Учесниците се согласија дека професионализацијата и деполитизацијата на полицијата е најважниот чекор кон обезбедување на полициски интегритет.