Јавна инфраструктура во Југоисточна Европа - во чиј интерес?
На 17.04.2018 година се одржа првата регионална конференција во рамки на Проектот Граѓанските организации како еднакви партнери во мониторирање на јавните финансии. На конференцијата се презентираше студијата за инфраструктурните проекти во земјите од регионот од областа на транспорт и енергетика, во која се анализира степенот на вклученост на граѓаните во процесот на донесување на одлуки за финансирање и отпочнување на инфраструктурни проекти. Регионалната анализа покажа дека инфраструктурните проекти во Југоисточна Европа често се карактеризираат со недостаток на транспарентност и ризик од корупција.
„Важните стратешки инфраструктурни проекти мора да се дефинираат во консултации со граѓанското општество, но и властите да се транспарентни при спроведувањето на самите проекти. Анализата покажува дека досега на Балканот голем број од проектите се реализирани без да се земат во предвид негативните ефекти врз животната средина, работени според застарени студии, но и со сериозни индиции за прекршување на законите при имплементација на овие проекти“, - истакна Соња Ристеска, еден од авторите на студијата. Во план е изградба на 400 мали хидоцентрали во Македонија, врз основа на студија изработена во седумдесетите години од минатиот век, стара педесет години, се вели во анализата. „Потребни се нови стратегии и нови студии кои ќе ја покажат оправданоста на овие проекти и бенефитот за граѓаните, земајќи ја во предвид зачувувањето на животната средина и климатските промени“. – велат авторите на студијата. Ристеска потенцираше дека заради скандалите со корупција во минатото во секторите транспорт и енергетика, потребно е во иднина да им се даде шанса на компании што немаат корупциски скандали во минатото.
Ѕвездан Калмар, претставник на српската невладина организација „ЦЕКОР“, истакна дека во Србија има лошо дизајнирани инфраструктурни проекти поради што е дојдено до раселување на на луѓето и празнење на цели подрачја. Тој истакна дека се дава приоритет на приватни интереси, не се зема предвид макроекономската стабилност, а проектите имаат големо негативно влијание на животната средина.
На конференцијата обраќање имаше министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Тој ги истакна главните инфратруктурни проекти кои Владата на Македонија ги имплементира во моментов но и планот за идни инвестиции во инфраструктурата. „Владата е посветена на инвестирање во капитални инфраструктурни проекти, притоа тоа го прави во транспарентен процес, нешто што не беше случај во минатото“ – истакна Сугарески. Тој рече дека наишол на договори за проекти во кои се кршеле процедурите и постапките за јавни набавки што ја чини државата и по десетици милиони евра. Сугарески најави дека следната недела ќе биде пуштен во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица.
Ненад Шијаковиќ, претставник на енергетската заедница истакна дека при оценување за отпочнување на овие проекти скоро никогаш не се гледаат во прв план финансиските аспекти, туку само социо-економските. Важно е да знаеме какви ќе бидат импликациите од проектите врз граѓаните и општеството, профитот на компаниите не треба да е во преден план.
Целосната анализа е достапна на следниот линк: http://wings-of-hope.ba/wp-content/uploads/2018/04/Public-infrastructure-in-southeast-Europe-in-whose-interest.pdf