Доверба во полицијата - Стоун Бриџ
Како дел од проектот „Пулсот за полициски интегритет и доверба на Западен Балкан", беше спроведено истражување на јавното мислење во Македонија на тема “Ставот на граѓаните околу работата на полицијата”.
Проектот е спроведуван од страна на ПОИНТПУЛС, регионална мрежа на седум граѓански организации од Западен Балкан и поддржан од Европската унија преку програмата „Инструмент за граѓанско општество“ како дел од Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Истражувањето во Македонија беше спроведено преку телефонска анкета во април 2016 година од страна на ИПСОС Стратешки маркетинг на репрезентативен примерок од 1000 возрасни лица.
Резултатите покажаа дека Полицијата е институција во Македонија која ужива најголема доверба: 58,5% од испитаниците тврдат дека имаат воглавно или потполна доверба во таа институција. Етничките Македоници генерално имаат гледишта кои се повеќе позитивни од оние на етничките Албанци, особено во однос на прашањата за доверба. Освен тоа, нивото на доверба е најголемо кај вработените во јавниот сектор, по кои следат пензионерите и вработените во приватниот сектор. Студентите и невработените граѓани имаат многу помала доверба.
Граѓаните од рурални средини имаат поголемо ниво на доверба отколку во урбаните, при што највисоко ниво на доверба е забележано во Источна и Централна Македонија, а најниско во Северозападниот регион вклучувајќи го и Куманово. Македонските граѓани имаат позитивна перцепција за полициските службеници главно опишувајќи ги со позитивни зборови/придавки, при што жените-полициски службеници имаат малку подобар углед.
Сепак, негативните перцепции преовладуваат во многу аспекти во работата на полицијата. На пример, најпопуларно мислење е дека процесот на вработување во полицијата е преку политички врски или преку роднински или пријателски врски. Освен тоа, се смета дека полицијата е средство за заштита на интересите на одредени групи отколку сервис на граѓаните. Во врска со ова, повеќе од половина од испитаниците сметаат дека политичарите имаат влијание врз работата на полицијата.
Освен полицијата, единствено образованието и здравството добија позитивни оцени за нивото на доверба од повеќе од половина од испитаниците, додека институции во кои се има најмала доверба се судството, Државната комисија за спречување на корупција, обвинителството и Собранието. Покрај тоа, повеќе од половина од испитаниците сметаат дека во сите институции освен во невладините организации има високо ниво на корупција. Се смета дека институции во кои корупцијата е најраспространета се судството, по што следи обвинителството, пазарната инспекција и царината. Споредено со други институции, полицијата се
наоѓа некаде во средина. Резултатите за одделните полициски сектори покажуваат дека сообраќајната полиција се смета за најкорумпиран сектор, по што следат најблиските соработници на министерот за внатрешни работи и граничната полиција.
За најмалку корумпирани се сметаат полициските службеници кои се задолжени за јавен ред и мир. Позитивни се наодите дека 76% од македонските граѓани би пријавиле случај на корупција за полицијата (од нив да се бара мито), дури и ако треба да ги дадат своите лични податоци. Ова е во согласност со општото мислење дека поттикнувањето на граѓаните да ги пријавуваат корумпираните полициски службеници е најпотребната акција за спречување на корупција.
Секторот за внатрешна контрола, кој е органот одговорен за справување со корупцијата во полицијата, не е првиот избор на граѓаните за пријавување на случај на корупција. Најголем дел би пријавиле случај на корупција во локалната полициска станица или кај командирот на полициската станица.
Слично, институција која треба прва да се бори против корупцијата во полицијата се смета дека треба да биде самата полиција преку различни нивоа на контрола. Во однос на невладините организации, граѓаните главно се согласија дека нивната примарна улога во борбата против корупцијата треба да биде соработка со државата.