Реформи во безбедносно-разузнавачките служби, од каде да се почне?

Реформи во безбедносно-разузнавачките служби, од каде да се почне?

Со формирањето на новата влада и промената на власт една од најчесто спомнуваните реформи е во делот на работата на безбедносно-разузнавачки служби.

Не е случајно зошто токму работата на УБК на пример е една од најспомнуваните реформи кои новата гарнитура би требало да ги спроведе. Еден од пресвртните моменти на СДСМ како (тогаш) опозициона партија беше обзнанувањето на таканаречените “бомби” во 2015 кои го разоткрија проблематичното управување со македонските служби, кои наводно во интерес на политичката партија на власт злоупотребувале илјадници поединци преку нелегално прислушување на нивните комуникации.

Две години подоцна се чини дека потешката работа е завршена, односно со новата владејачка гарнитура реформите во овој сектор начелно би требало да одат помазно. Проблемите се детектирани, политичка волја кај новата влада постои, меѓународната заедница начелно ги поддржува реформите итн. Меѓутоа главното прашање во овој момент е од каде да се почне и колку голема/мала да биде реформата? Првиот чекор во оваа насока ќе биде доволен индикатор дали идеата за реформи на македонските безбедносно-разузнавачки служби може да се сруши како кула од карти или не.

Она што веќе постои како основна појдовна точка се препораките на Прибе1 кои го таргетираат во голема мера и делот на работата на безбедносно-разузнавачките служби. Документот иако солиден е доста опширен, a заради временскиот период кога е пишуван некои од препораките како на пример тие за изборите се помалку релевантни. Тука всушност може да се бара и причината во најавата за нова посета на тимот на Прибе ова лето со цел додефинирање на првичните препораки. Согласно ова следува прашањето околу големината на реформите. Едно од најпоставуваните прашања што се протега со години е дали реално на Македонија и одговара сегашниот систем на поставеност на безбедносно-разузнавачките служби односно дали е време тие да бидат споени во една?

Реално капацитетите за спроведување на вака сеопфатни реформи во актуелниот момент се прилично слаби. Самото парламентарно мнозинство во овој момент е доста ранливо. Понатаму актуелната политичка консталација каде Претседателот на државата Ѓорѓе Иванов доаѓа од редовите на (сега) опозицијата, а своевремено ја има под негова контрола и надлежност Агенцијата за разузнавање како една од трите чинители на македонските безбедносно-разузнавачки служби прави да еден вака сеопфатен зафат на реформи приближно осуден на неуспех. Било која од големите реформи кои би значеле спојување на службите нема да може да се случи без зелено светло од страна на Претседателот и структурите внатре во самата Агенција за разузнавање. Ова не е спорно доколку се има предвид потребата од инклузивност во самите реформи. Настрана политичките препреки кои се доста големи, крупни реформи во овој домен бараат доста големи финансиски и човекови ресурси како домашни така и странски и тоа на долг рок. Во овој момент такви индикации се уште нема.

Затоа фокусот треба да биде целосно насочен кон реанимација на системот за надзор како надворешен така и внатрешен. Собраниските тела за надзор на работата на безбедносно-разузнавачките служби вклучително и следењето на комуникации имаат солидна структура. Она каде треба да се интервенира во моментов претставува политички притисок кон новоизбраните претседатели на комисиите и нивните членови за остварување на реален надзор на службите. Понатаму потребно е дополнителна експертиза која би вклучувала формирање на постојано советодавно тело составено од различни профили (правници, ИТ специјалисти, економисти итн.) со цел на пратениците да им се овозможи знаење за извршување на солиден надзор. Реформите би подразбирале и промена на сегашните деловници за работа на комисиите кои би прецизирале точни обврски на претседателите на комисиите, надзорните посети во службите итн. Заради важноста на работата кои комисиите ја исполнуваат истите би имале и годишен самостоен буџет со цел непречено функционирање.
Од друга страна пак внатрешниот надзор треба да подразбира низа реформи внатре во самите служби каде улогата на “генерален инспектор” би била максимално засилена.

Постојат низа на микро реформи кои доколку ја добијат посветеноста како од политичките субјекти така и од меѓународните партнери на долг рок би можеле драстично да го зголемат изгледот за силен надзор на македонските безбедносни служби.


1 Препораки на Групата на искусни експерти за системските прашања за Владеење на правото поврзани со следењето на комуникации откриени во пролетта 2015 http://telma.com.mk/vesti/shto-sodrzhi-izveshtajot-na-pribe-celosen-tekst


Андреја Богдановски
Истражувач за безбедносни прашања