Предизвиците на новата Влада на РМ во сектор енергетика

Предизвиците на новата Влада на РМ во сектор енергетика

По смената на власта после 11 години, секторот енергетика е еден од секторите каде што се потребни темелни реформи. Во изминатата деценија фокусот беше ставен исклучиво на фосилните горива и до некаде на големите хидроцентрали, со многу мал, занемарлив акцент на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност.

Скандалите со корупција пак од друга страна укажаа на сериозната потреба од реформи кои ќе одат во прилог на зајакнување на отчетноста и транспарентноста во овој сектор, кој што инаку се’ уште важи за затворен за јавноста. Македонија порано важеше за една од најнапредните во реформите кои започнаа со приклучувањето кон Енергетската заедница во 2005 година, за сето тоа со текот на годините да се влоши и да кулминира со неисполување и на основните обврски преземни со самото членство, а тоа е целосната либерализација на пазарот на електрична енергија. Ова се само дел од горливите проблеми кои чекаат на решавање.

Енегетскиот сектор во РМ се’ уште се карактеризира со затвореност и недоволно вклучување на јавноста што е делумно резултат на наследството од минатото каде што фокусот беше на централизиран енергетски систем базиран на неколку големи термоцентрали со цел доволно електрична енергија за големите потрошувачи како железарите, но делумно и резултат на начинот на кој што функционира институционалната поставеност во РМ каде што нема вопсоставен механизам во самите инситутуции за соработка со јавноста. Со оглед на тоа што транзицијата во енегетскиот сектор се’ уште трае (приватизација на ЕСМ 2006, отворање на пазарите со електрична енергија и гас кое оди бавно, имплементација на ЕУ директиви преку Енергетската заедница итн.) проблемите кои се провелкуваат низ овој сектор се неизбежни и во голем број. Понатаму, долгорочните стратегии и изборот на опции за ефикасност и диверзификација на ресурсите често не се правилно развиени поради одредени приватни интереси во енергетскиот сектор.

Кои прашања остануваат за решавање од претходната декада:

-          Недоволни инвестиции во нови капацитети;[1]

-          Занемарливо нееднакво имплементирање на мерки за енергетска ефикасност низ територијата на РМ – нема точна бројка колку од станбениот фонд до сега е реновиран иако според Енергетската заедница стапката на имплементација на мерките треба да достигне 9% во 2018 година;

-          Енормно загадување, каде што најголемиот процент е од енергетскиот сектор;[2]

-          Корупција во секторот – неколку случаи со наводна корупција ниту една пресуда;

-          Проблеми со транспарентноста – од необјавувње годишни извештаи до ниту еден ревизорски извештај објавен од било која институција/државна компанија во секторот енергетика до 2017 година[3];

-          Секторот гас – целосната зависност од Русија во секторот гас[4] како и укината опцијата општините сами да се гасифицираат уште во 2013 год; [5]

-          Нестабилна енергетска безбедност – зависност од увоз[6], немање доволно домашно производство, преголема енергетска интензивност;[7]

-          Неискористени потенцијали во обновливи извори. Македонија произведува пропорционално помалку електрична енергија од сонце од Данска на пример;[8]

-          Нерешениот проблем со огромната енергетска сиромаштија во државата кој што не ги опфаќа само официјално оние граѓани кои се под официјалниот праг на сиромаштија, туку и луѓе со редовни приходи како пензионери или повеќечлени семејства.[9]

Прикажаните проблеми секако изискуваат огромен труд и многу години посветено работење кое што е далеку од ограничено на еден изборен циклус од четири години. Но, нивното правилно идентификување и стратешко планирање ќе помогне за нивно побрзо решавање. Стратешкиот пристап и поставување цел, со одговарањето на прашањето каква енергетска иднина сакаме за Република Македонија е првото што треба новата власт да го реши. Што се однесува до конкретните мерки што треба да се преземат најпрво важно е да се напомене дека енергетиката не влезе во планот 3-6-9 на новата Влада[10], иако еден од најголемите проблеми во Македонија е токму загадувањето на пример[11]. Оттука Владата треба да го вклучи овој сектор во итните реформски процеси бидејќи иако реформите бараат многу време за имплементација, а и најчесто странска финансиска помош, што порано се започне со работа толку побрзо ќе можат да се видат придобивките од реформите.

Понатаму се’ уште нема на повидок нова стратегија, иако уште пред неколку години излезе првата верзија од Стратегијата за енергетика до 2035 година, таа сепак не е усвои. Во Македонија нема стратешки пристап кон тоа дали државата ќе започне конечно со декарбонизацијата т.е со напуштањето на фосилните горива како примарен енергенс за добивање финална енергија или пак ќе остане да користи јаглен, нафта итн. Сепак, податоците одат кон тоа дека поради недостигот на јаглен т.е. лигнит кој е со многу помала калорична вредност од јагленот и помалку квалитетен, производството опаѓа од година во година, а она од сончевите централи се зголемува. “Така, според енергетските биланси кои ги објавува Државниот завод за статистика, електричната енергија од сонце за само три години е зголемена од 1.173 GWh во 2012 година вкупно примарно производство на 22.599 GWh во 2015 година. Секако, овие гигават часови би се зголемиле со директно вклучување на домаќинствата во производството на електрична енергија, но за тоа најпрво се потребни измени во Законот за енергетика. За разлика од сончевата енергија, производството на електрична енергија од термоцентралите значително опаѓа низ годините. Така, од 4920 GWh произведени во 2012 година, во 2015 година се паднати на 3434 GWh. Ова е уште еден показател зошто ваквата мерка е потребна за Македонија.„[12] Понатаму од сите термоцентрали кои се имаат изградено во Македонија во моментов функционира само РЕК Битола, ТЕЦ Неготино е ладна резерва а ТЕ Осломеј не работи поради немањето јаглен. Друг капацитет кој што работи е Енергетика која што работи на гас. [13] Ова е само уште еден показател за итноста на ситуацијата со примарното производство на енергија во Македонија и потребата новата власт стратешки да му пристапи на проблемот и да ги искористи понтенцијалите кои државата ги има од аспект на соларната енергија.

Македонија исто така конечно го ратификуваше Парискиот договор[14] со што тој и официјално стапи во сила. Според Предлогот доставен од МЖСПП, емисиите на CO2 од согорувањето на фосилните горива Македонија планира да ги намали за 30%, односно за 36% кај повисокото ниво на амбиција, до 2030 година во однос на како и досега така и од сега (BAU) сценариото (проблемот со и така малите амбиции е што Македонија во BAU сценариото всушност предвидува раст на емисиите со што испаѓа дека ако воведе мерки за нивно намалување тие не би се намалиле туку би се израмниле со нивото во 2015 година со што не се постигнува позначителен успех – забелешка на авторот). Емисиите на CO2 од согорување на фосилни горива покриваат речиси 80% од вкупните емисии на стакленички гасови во земјата со доминантно учество на следните сектори: енергија, згради и транспорт.[15] Без разлика на ниските амбиции околу целосното намалување не емисиите, кои што доминантно доаѓаат токму од енергетскиот сектор, Владата со оваа ратификација ќе мора сите идни закони, стратегии и други документи што ќе ги предлага и усвојува да ги усогласи со сопствените обврски преземени со Парискиот договор инаку неговата ратификација ќе остане само заложба на хартија.

Наредно итно прашање за решавање е новиот Закон за енергетика или пакет на закони.[16] Македонија со самото членство во Енергетската заедница е должна да ја пренесе ЕУ регулативата од областа енергетика во своето законодавство. Она што требаше да се направи пред неколку години, но остана неостварено е имплементацијата на Третиот енергетски пакет. Последните документи од ЕУ законодавството за енергетскиот пазар, познати како Трет енергетски пакет, беа донесени за да се подобри функционирањето на внатрешниот енергетски пазар (на ЕУ) и да се решат структурните проблеми.

Општиот заклучок по претставеното би бил дека Владата на РМ, но и судската власт мора како еден од приоритетите во наредниот период да ги стават мерките за спречување или казнување на корупција и незаконско работење во енергетиката. Понтаму задолжителното носење на нови стратегии и закони и фаќањето чекор со ЕУ регулативите во овој сектор како и либерализацијата на енергетските пазари не смеат да чекаат. Понатаму, потребно е да се насочи фокусот кон обновливите извори на енергија како и кон енергетската ефикасност и да се направи чекор кон решавањето на проблемите со енормната енергетска сиромашитија во домаќинствата. Енергетиката е еден од капитално најинтензивните сектори, што во земји во развој како Република Македонија скоро и целосно зависи од странски инвестиции и кредити. Онака како што досега се работеше не оди во корист на привлекување сериозни инвеститори кои што би можеле да направат сериозен пресврт во енергетиката во РМ и оттука препорака до Владата на РМ е да енергетиката ја стави и во планот 3-6-9 за што поскоро соочување со овие проблеми.

ЗАБЕЛЕШКА: Текстот е извадок од написот Енергетиката помеѓу бизнис и јавниот сектор објавен во најновиот број на списанието Форум-Аналитика бр. 15 со наслов “Реформи: Со полни едра, напред!„, чијшто автор е Соња Ристеска. Целосниот документ може да се најде таму.

 


[1] Во изминатата декада освен реновирање отворени се само два нови капацитета ХЕЦ Св. Петка и ВП Богданци. http://www.elem.com.mk/

[2] Трет национален план за климатски промени, Министерство за животна средина и просторно планирање, http://www.unfccc.org.mk/content/Documents/TNC_MK_draft.pdf

[3] Ристеска Соња, Аналитика, Состојбата во секторите транспорт и енергетика во Република Македонија, како до забрзување на реформските процеси, http://www.analyticamk.org/images/2017/transport-i-energetika.pdf, април 2017 година

[4] Руската (гасна) врска, како Македонија ги склучуваше договорите, http://www.analyticamk.org/mk/produkti/studii/753-ruskata-gasna-vrska-kako-makedonija-gi-sklucuvashe-dogovorite

[5] Стојиловска Ана, Ристеска Соња, Аналитика, Анализа на Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика од мај 2013

[6] Во 2016 година Македонија увезла дури 65% од вкупно потребната енергија (гас, струја, нафта итн). Извор: ДЗС: Енергетски биланси 2016 година, број 6.1.17.81, година LV, 20.10.2017 година.

[7] Енергетска интензивност на економијата. За 2015, просекот на ЕУ-28 бил 120 кг нафта еквивалент по 1000 ЕУР додека за Македонија дупло поголем 336.3 кг нафта еквивалент по 1000 ЕУР. Извор: Еуросат: http://ec.europa.eu/eurostat/tgm/table.do?tab=table&init=1&language=en&pcode=tsdec360&plugin=1

[8] Македонија споредена со повеќето земји од ЕУ е на многу ниско ниво на производство од сончевата енергија (само 1.715 ктое), па така дури и земји како Данска кои се сосем на северот на Европа имаат поголемо производство на електрична енергија од сонце во споредба со јужноевропската Македонија. Поголемо искористување на сонцето – како од пасивни потрошувачи до активни произведувачи на електрична енергија, http://respublica.edu.mk/blog/2017-10-27-11-36-45

[9] Слично како и во другите земји, повеќето од домаќинствата се одлучија да го намалат животниот простор во зима од просечните 85 m2 на 70 m2 кои се греат. 40% од градбите немаат изолација и 13% имаат изолација само на ѕидовите и тоа по различни стандарди. Ова комбинирано најповеќе со греење на печки кои користат огревно дрво (47%) или пак електрични греалки (18%) укажува на високо ниво на неефикасност и недомаќинско трошење и губење на топлинската енергија. Просечното посетено домаќинство троши 5,295 kWh електрична енергија споредено со националниот просек од 5,423 kWh. Робиќ Славица, ДООР, СЕЕ СЕП проект, Енергетска сиромаштија во Југоисточна Европа, преживувајќи го студот, http://www.analyticamk.org/images/Files/redflag16-mac-web_4e42a.pdf, стр. 12.

[10] Влада на РМ, План 3-6-9: Правецот на реформите кои ги предлага Владата на Република Македонија, поместени во „Планот 3-6-9“, произлегуваат од Програмата за работа на Владата 2017-2020, а го зема во предвид Политичкиот договор од Пржино и ги следи препораките од средбите на високо ниво со претставниците на институциите на ЕУ, насоките од Европската комисија во Итните реформски приоритети (2015), Препораките на групата високи експерти за системските прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите (2015), како и низата препораки до Владата од изминатите неколку години од телата на Советот на Европа (Венецијанската комисија, ГРЕКО), препораките на ОБСЕ/ОДИХР, наодите и препораките од годишните Извештаи на Европската комисија, вклучително и од Пристапниот дијалог на високо ниво, заклучоците од министерскиот дијалог за Програмата за економски реформи, заклучоците од редовните состаноци на телата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, документот подготвен од група граѓански организации насловен како “Предлог за Итни демократски реформи„ (Блупринт) и резултатите од консултациите со граѓанското општество, стр. 1.

[11] Светска банка, http://web.worldbank.org/archive/website01354/WEB/0__CO-43.HTM

[12] Ристеска Соња, Поголемо искористување на сонцето – како од пасивни потрошувачи до активни произведувачи на електрична енергијa

[13] ад ЕЛЕМ, Термоенергија, http://www.elem.com.mk/?page_id=110

[14] Нема официјално соопштение се’ уште за оваа ратификација.

[15] Поднесок на Република Македонија, планирани национално утврдени придонеси, 4.08.2015, https://goo.gl/nDZ2S, стр. 1

[16] Неофицијалниот предлог кога се пишуваше текстот беше да има општ Закон за енергетика и Закон за енергетска ефикасност и обновливи извори или пак Закон за енергетика и Закон за енергетска ефикасност.